Прва конференција на СУНРРМ

На 12.12.2018 година, Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Македонија одржа прва Конференција на тема “Надзорот на ревизорската професија во Република Македонија во контекст на современите предизвици”, во Клубот на органите на државната управа во Скопје.

Одржувањето на еднодневната Конференција беше по повод одбележувањето на 5 – годишнината од издавањето на првите лиценци на овластени ревизори,друштва за ревизија и трговци – поединци од Советот, во функција на што беше и издавањето на првиот Билтен на Советот.

Почесни гости на Конференцијата беа: Потпретседателот на Собранието на Република Македонија Весел Мемеди, Посебен советник во Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија Фатмир Битиќи, претседателот на АСО Климе Поповски, претседател на КХВ Нора Алити, директорот на ЦРРМ Марија Бошковска – Јанковски, директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов, Претставник од канцеларијата на Светска Банка Бојан Шимбов поранешни членови на Советот, членови на управниот одбор на ИОРРМ.

Учесници на Конференцијата беа претставници на правните лица кои вршат работи на ревизија, односно на лиценцираните друштва за ревизија и лиценцираните трговци поединци.

Конференцијата ја отвори и одржа воведен говор претседателот на Советот Премтим Исени, кој ја нагласи улогата на Советот како независно регулаторно тело со јавни овластувања утврдени во Законот за ревизија како и остварувањето на целта на Советот да се зголеми довербата и транспарентноста во податоците и информациите искажани во финансиските извештаи на деловните ентитети. Притоа го истакна значењето на транспарентна и квалитетна ревизија, отворена за конструктивна критика која е од особено значење за инвеститорите, кредиторите, банкарите и за пошироката јавност.

Драган Димитров, Претседателот на Институтот на овластени ревизори на Република Македонија го поздрави одржувањето на Конференцијата, а свој поздравен говор имаше и Фатмир Битиќи, Посебен советник во Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија, поранешен член на Советот.

Конференцијата се одржуваше во две панел дискусии.

Првата панел дискусија беше на тема: ” Законската регулатива во областа на ревизијата во контекст на новата ЕУ директива со посебен фокус на ентитети од јавен интерес.” Модератор на панелот и претставник од СУНРРМ беше в.д членот на Советот Дарко Блажевски, претставници од ИОРРМ беа Вера Рафајловска и Срѓан Рангеловиќ и претставници од Министерството за финансии беа Александра Димовска и Бобан Стојановски. Присутните панелисти споделија свои видувања за правните лица од јавен интерес, презентирајќи ги своите размислувања по однос на дефинирањето на правните лица од јавен интерес како во контекст на постојното законско решение, така и решението кое го наметнуваат тековните ЕУ уредби.

Врз основа на сеопфатните дискусии учесниците на панелот и присутните се сложија со потребата внимателно да се пристапи кон дефинирањето на правните лица за јавен интерес (ПЈИ) во регулативата за ревизија имајќи во предвид дека престои изработка на нов Закон за ревизија кој треба да биде усогласен со ЕУ регулативата од оваа област согласно преземена обврска во Националната програма за усвојување на правото на Европската унија (НПАА).

Се констатираше дека покрај задолжителните категории на ПЈИ кои ги предвидува ЕУ регулативата, потребно е да се дефинираат ПЈИ при што ќе се појде од основните мотиви за нивното определување, а при тоа треба да се земат како критериуми значењето кое ПЈИ го имаат за македонската економија, како и значењето кое го имаат за граѓаните на Република Македонија.

Од друга страна, потребно е да се води сметка за бројноста и големината на ПЈИ со оглед дека Законот за ревизија предвидува формирање на Одбор за ревизија како орган на управување во овие друштва, кој покрај придобивките, претставува и нова организациска и трошочна компонента.

Во однос на начинот на кој треба да бидат дефинирани во Законот, покрај опцијата за таксативно набројување, се дискутираше дека може да биде и одредено тело кое ќе ги одредува и на редовна годишна основа ќе ја ажурира листата на ПЈИ.

Исто така, се заклучи дека покрај одредбите кои треба да бидат дел од Законот за ревизија потребно е да се усогласат и одредбите во Законот за трговски друштва.

Со оглед на големото значење на ПЈИ и реперкусиите од нивното дефинирање, се заклучи дека е потребна вклученост на заинтересираните страни во изготвувањето на нов Закон за ревизија.

Втората панел дискусија беше на тема: ” Контролата на квалитет во функција на зголемена доверба на јавноста во квалитетот на ревизијата.” Модератор на панелот и претставник на СУНРРМ беше в.д. членот на Советот Илија Андовски и Анета Трајаноска, а претставници од ИОРРМ БЕА Бранка Стојановска, Драган Давитков и Гоце Христов. Врз основа на дискусијата на панелистите и учесниците во дискусијата од присутните се оцени дека за натамошно зајакнување на довербата на јавноста и усогласување со ЕУ законодавството во следниот период, СУНРРМ е исправен пред предизвик за премин на контролата на квалитет на ентитети од јавен интерес од ИОРРМ во СУНРРМ. Иако ова ќе биде подолг и комплексен процес кој ќе бара многу ресурси но на долг рок, оваа активност би требало да придонесе за подобрување на квалитетот на ревизиите во ентитетите од јавен интерес и со тоа и подобро информирање на сите заинтересирани стејкхолдери за нивната работа.

Исто така, преминот на контролата на квалитет треба да биде среднорочна цел која бара човечки и финансиски ресурси. За таа цел, треба да се извршат измени во Законот за ревизија и во делот на финансирање на СУНРРМ со цел да се овозможат адекватни финансиски средства за извршување на оваа функција што е препорака и на knowledge paper-от на CFRR. Дополнително, градењето на кадровски капацитети е процес кој бара време, а контролорите кои ќе бидат вработени во СУНРРМ можат и треба да црпат драгоцени искуства од контролорите во ИОРРМ.