Присуство на Билатерален скрининг, состанок на Acquis со Северна Македонија, во рамките на Поглавје 6 – Закон за трговски друштва

На 27.01.2023 годинa, вработените во стручната служба на Советот, Жарко Камчев – Раководител на Директорат, Владо Митев – Советник за меѓународна соработка и развој и Марија Кузманов – Советник за лиценцирање, учествуваа на Билатерален скрининг, состанок на Acquis со Северна Македонија, во рамките на Поглавје 6 – Закон за трговски друштва, во организација на Секретаријатот за Европски Прашања (СЕП) и Комесаријатот за проширување (DG Near) на Европската комисија, во Брисел, Кралство Белгија.

Со состанокот, претседаваше Марк Јорна од DG Near, во сопретседателство од Македонска страна на Заменикот главен преговарач г-ѓа Дрита Абдиу-Халили од СЕП, со присуство на претставникот на Европската делегација во Скопје, Константин Јовановски.

Претставниците на Стручната служба на Советот имаа свое излагање преку презентација во унифициран формат на македонски и англиски јазик и во која се претставени активностите на Советот, а во рамките на актуелниот Закон за ревизија.

Како приоритет (прв заклучок) на Советот е поставен, донесување на новиот Закон за ревизија, а со кој со примените на Директивата и Регулативата на ЕУ за ревизија, контрола на квалитет на ПЛЈИ би преминала во надлежност на Советот.

Како втор заклучок, а со оглед на фактот дека секоја земја кандидат има право да побара зачленување во телата на ЕУ без разлика дали е полноправна членка на ЕУ или не, а врзано за идните активности на Советот, делегацијата ја искористи можноста, во оваа фаза на Билатерален скрининг за Поглавје 06 – Закон на трговски друштва, да побара Советот како регулатор да добие поддршка за учество (како набљудувач се до полноправно членство во ЕУ) во Комитетот на европски тела на надзор на ревизијата (CEAOB).