Студиска посета во Атина: Зајакнување на јавниот надзор и квалитетот на ревизијата
Во периодот од 18 до 20 мај 2026 година, претставници на стручната служба на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија учествуваа на TAIEX студиска посета во Атина, Република Грција, посветена на јавниот надзор над ревизијата, правните лица од јавен интерес (PIEs) и системите за контрола на квалитетот на ревизијата. Посетата беше организирана во соработка со Грчкиот одбор за надзор на сметководствените и ревизорските стандарди (HAASOB).

Во текот на тридневната програма, претставниците на Советот имаа можност да се запознаат со грчкото искуство во усогласувањето на националното законодавство со европската регулаторна рамка, организацијата на јавниот надзор над ревизијата, контрола на квалитетот на ревизорските извештаи, како и со механизмите за соработка помеѓу регулаторните институции и професионалните организации. Посебно внимание беше посветено на дефинирањето на правните лица од јавен интерес, примената на Директивата 2014/56/ЕУ и Регулативата 537/2014, како и на практичните искуства од преносот на надлежностите од професионалното тело кон надлежниот орган за јавен надзор.

Студиската посета претставува значаен придонес во понатамошното унапредување на капацитетите на Советот и обезбедува вредни насоки за подготовка на новиот Закон за ревизија и за натамошно усогласување на националниот систем на јавен надзор со најдобрите европски практики. Стекнатите знаења и искуства ќе придонесат за зајакнување на квалитетот на ревизијата, транспарентноста на финансиското известување и довербата во ревизорската професија во Република Северна Македонија.