Работен Состанок со претставник на Светска Банка

На ден 04.04.2019 година (четврток) во просториите на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија, Претседателот на Советот, Премтим Исени, одржа работен состанок со претставник на Центарот за реформи во финансиско известување на Светска Банка.

На состанокот покрај претседателот на Советот, присуствуваа Паскал Фрережак, Виш оперативен директор, претставник од Центарот за реформи во финансиското известување на Светска Банка, и проф. Д-р Зорица Божиновска Лазаревска, Анета Трајаноска и Николаки Миов, членови на Совет, и Владо Митев, соработник за меѓународна соработка и развој во Стручната служба на Советот.

Претседателот на Советот го запозна претставникот на Светска банка со улогата и значењето на Советот како самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени во Законот за ревизија. Претставникот беше запознаен и со активностите на новиот состав на Советот.

Претставникот на Светска Банка ги запозна присутните со новата програма ЕУ РЕПАРИС – Зајакнување на финансиското известување на мали и средни претпријатија. Досегашниот проект ЕУ РЕПАРИС – Патот кон Европа: Програма за реформи во сметководството и институционално зајакнување во кој Советот беше активен учесник, е во финална фаза и во наредниот период од 3 месеци ќе заврши. Го информираше претседателот на Советот дека новата програма ќе започне активно да работи за 9 месеци и притоа очекува Советот да земе активно учество во истата.