Работен состанок со Министерство за финансии

По барање на претседателот на Советот за унапредување и развој на ревизијата на Република Македонија Премтим Исени, на 07.06.2018 година во министерството за финансии се одржа работна средба со министерот за финансии на Република Македонија, д-р Драган Тевдовски.

На средбата присуствуваа и Координаторот на стручната служба на Советот, Дафина Талева Хаџи-Васкова и раководителот на секторот за финансиски системи Ленче Тагасовска.

Целта на oваа работна средба беше запознавање на министерот со активностите на Советот, мисијата и визијата на Советот во унапредувањето на професијата и зачленувањето во меѓународни тела во наредните години. Од особено значење беа истакнати активностите што ги презема Советот за членство во ИФИАР како и бенефитите од истото, пред се зголемена комуникација на Советот со сродни регулаторни тела и можност за вклучување во заеднички проекти.

Министерот за финансии беше запознат со проблемите и предизвиците со кои се соочуваат при работењето физичките и правните лица кои вршат работи на ревизија, значењето на Советот во подобрување на квалитетот на финансиското известување и потребата од интензивирање на соработката на министерството за финансии и Советот при изготвувањето на новиот Закон за ревизија.