На покана на International forum of Independent Audit Regulators – IFIAR за учество на годишниот IFIAR 2018 PLENARY MEETING – MEETING WITH THE IFIAR OFFICERS, а на предлог на Претседателот на Советот за унапредување и надзор на ревизијата во Република Македонија членот на Советот ,проф. д-р Зорица Божиновска Лазаревска и координаторот на стручната служба на Советот Дафина Талева Хаџи-Васкова учествуваа на настанот кој се одржа од 16 до 20 април 2018 година во Отава, Канада. Во текот на 2015 година на иницијатива на членовите на Советот беше отпочната постапката на аплицирање за полноправно членство на Советот во IFIAR. Поканата од страна на IFIAR меѓу другото имаше за цел разговор околу статусот на апликацијата и динамиката на понатамошните активности.
Од страна на претседателот на IFIAR Brian Hunt и извршниот директор Carl Renner беше организирана посебна средба со членот на Советот и Координаторот на стручната служба на Советот од Република Македонија. Во текот на состанокот се водеше дискусија за текот на постапката за оценка на апликацијата на Советот за унапредување и развој на ревизијата на Република Македонија, со посебен осврт на третманот на контролата на квалитет, капацитетот на телото за трансфер на контролата на квалитет и инспекција од Институтот на овластени ревизори, составот и надлежностите на телото и стручнaта служба, и сл. Состанокот се водеше и заврши во позитивна атмосфера со ветување дека во текот на следните три до четири недели ќе биде разгледана ажурираната верзија од апликацијата на Советот (надополнета со бараните информации од страна на IFIAR) а за исходот од евалуацијата ќе бидеме благовремено известени.
Согласно програмата IFIAR 2018 PLENARY MEETING започна со обраќање на претставниците на IFIAR, по што продолжи панелот за Q&A Disruptive Enablers: Innovation and the Changing Business Environment. По воведниот следеше панел со дебата помеѓу претставниците на надзорните тела полноправни членови на IFIAR со највисоките претставници од Големата четворка (KPMG, Deloitte, PWC и EY) и од меѓународни фирми кои не се членки на Големата четворка (BDO и Grant Thornton). На панелот се дискутираше за предизвиците со кои се соочуваат ревизорите, клучните ризици во нивното работење, концентрација на ентитетите од јавен интерес и конкуренцијата на пазарот, визијата за развојот на секоја од ревизорските фирми во следните 5 до 10 години во контекст на глобализацијата и автоматизацијата, квалитет на ревизијата и културата во ревизорската фирма (Tone on the top).
Посебен панел беше предвиден за дебата помеѓу учесниците од надзорните тела членки на IFIAR со Richard Fleck од IESBA и Arnold Schilder од IAASB – претставници од одборите на IFAC задолжени за креирање на стандарди од областа на ревизијата и етичкото однесување на ревизорите. Прашањата беа фокусирани на промените во МСР 540 и нивната примена во практиката, на појаснување на причините зошто објавувањето на новите стандарди од страна на IAASB трае предолго, на изводливоста IESBA да осмисли и донесе глобален и ефикасен стандард за етичко однесување.
Во рамките на IFIAR 2018 Plenary Meeting претставниците на Советот имаа можност да разговараат со претставниците на надзорните тела од земјите членки на ЕУ и пошироко. Како исклучително значајни се издвојуваат контактите воспоставени со надзорните тела од Обединетото кралство, САД, Канада, Полска, Норвешка, Финска, Турција, Бугарија, Грција, Словенија, Данска, Франција, Германија, Русија и др. Во разговорите со претставниците на надзорните тела беше истакната подготвеноста на Советот за унапредување и надзор на ревизијата за формализирање на соработката (со оние тела со кои Советот нема потпишано меморандум за соработка), учество во заеднички проекти за градење на капацитет, организирање на заеднички настани поврзани со обука, конференции и слични форми за трансфер на знаења и искуства.
IFIAR 2018 Plenary Meeting заврши со панел во кој дискусијата се водеше со претставници од телата со статус на набљудувачи од типот на: Basel Committee on Banking Supervision, European Commission, Financial Stability Forum, International Аssociation of Insurance Supervisors, International Organization of Securities Commissions, World Bank и Public Interest Oversight Board. Во рамките на дебатата беше ставен акцент на реформите во ревизорската професија во контекст на новата ЕУ директива поврзана со законската ревизија и перцепциите и очекувањата на овие тела од ревизорската професија.