Соопштение до jавноста

Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија денес официјално побара од Владата на Република Северна Македонија да се одложи законскиот рок за спроведување на ревизии до 30.09.2020 година.

Почитувани,

На денешната седница на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија, покрај другите точки се разгледуваше и се усвои точката на дневен ред на кој што беше изгласано барањето до Владата на Република Северна Македонија и Главниот координативен кризен штаб на Владата, одговорен за мерките за заштита од Корона Вирусот.

Во барањето е потенцирано дека од предвидените повеќе од 1700 законски ревизии на годишните финансиски извештаи за 2019 година, повеќе од 1000 ревизии се однесуваат на компании кои не се Акционерски Друштва.

Ако се земе предвид дека најголемиот дел од ревизорските ангажмани се спроведуваат од крајот на март до почетокот на јуни постои висок ризик за ширење на Корона вирусот од посета на повеќе од 1000 компании од страна на 300 лица (овластени ревизори и вработени во ревизорски друштва), кое што може да направи сериозни штети врз здравјето на граѓаните , преку ширење на заразата.

Одовде, со цел да се заштитат вработените во ревизорските друштва, како и менаџментот и вработените во компаниите кои што се предмет на ревизија, денеска Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија донесе официјална одлука со која бара од Владата на Република Северна Македонија согласно надлежностите за вонредната состојба да донесе законска уредба со која што ќе се одложи рокот за законски ревизии на финансиски извештаи до 30.09.2020 година.

Со почит,

Ване Цветанов

в.д. Претседател на Советот