Работна средба во Министерството за дигитална трансформација

На ден 25.11.2026 година, претседателот на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија, Филип Василески, и вработените во стручната служба на Советот, Марија Кузманов – советник за лиценцирање и Владо Митев – советник за меѓународна соработка, остварија работна средба во просториите на Министерството за дигитална трансформација, со министерот Стефан Андоновски.

Предмет на работната средба беше разгледување на можностите за дигитализација на работните процеси на Советот, преку обезбедување соодветно софтверско решение или изработка на идејно решение кое ќе овозможи електронско поврзување и размена на податоци со други сродни институции, за потребите на ефикасно и навремено извршување на надлежностите на Советот.

Средбата беше насочена кон разгледување на можностите за институционална и техничка поддршка од страна на Министерството за дигитална трансформација, со цел унапредување на дигиталните капацитети на Советот, воспоставување функционална електронска поврзаност со релевантни институции и унапредување на дигиталните процеси.