Соработка со Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија

На 12.09.2018 година е потпишан Меморандум за соработка помеѓу Советот за унапредување и надзор на Ревизијата на Република Македонија и Стопанската комора на Северо-Западна Македонија.

Меморандумот го потпишаа претседателот на Советот, Премтим Исени и извршниот директор на Комората, Дрилјон Исени.
Склучувањето на Меморандумот за соработка со Стопанската комора на Северо-Западна Македонија претставува продолжување на едногодишните интензивни активности на Советот за воспоставување на соработка со домашните и странските тела и институции заради унапредување на ревизорската професија, развој на економијата во Република Македонија и подобрување на целокупната бизнис клима во земјата.

Потписниците на Меморандумот истакнаа дека само со квалитетна ревизија ќе бидат заштитени интересите на домашните и странските инвеститори, банкарите и пошироката јавност, бидејќи одлуките за инвестирање и финансирање трговските субјекти ги носат пред се врз основа на анализата на нивните финансиски извештаи.

Со потпишувањето на овој Меморандум се очекува да се унапреди соработка помеѓу Советот и Комората во делот на размена на информации и податоци, организирање на меѓусебни обуки и размена на искуства, а со цел проширување на пазарот на ревизорски услуги и развој на ревизорската професија во Република Македонија.